Шампионот го пречекува новалијата: Има ли простор за ново изненадување во Аеродром?

Богатиот прволигашки ден ќе започне и ќе заврши со дуел во „Јане Сандански“ каде овој пат МЗТ Скопје ќе го пречека новалијата Црн Дрим.

Аеродромци по подолго време одиграа дуел од домашното првенство и загубија од мотивираниот Еуро Никел на домашен терен, па избраниците на Кочов денеска ќе се обидат да ја оправдаат фаворитската улога и со добра игра да се вратат на победничките патеки.

„Не очекува натпревар со тим кој е дебитант во Првата лига. Екипата на Црн Дрим ќе дојде максимално мотивирана и без притисок, а со таквите екипи е најтешко да се игра. Мора да покажеме карактер и да ги поправиме грешките од претходниот натпревар доколку сакаме да победиме“ – изјави репрезентативецот во редовите на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски.

Стружани по болниот пораз од Вардар во заостанатиот натпревар кој беше одигран во вторникот ќе се обидат да го изненадат „сино-белиот“ тим и да стигнат до втората победа во сезоната. Црн Дрим веќе еднаш славеше во Аеродром оваа сезона, против младиот тим на МЗТ Скопје, а избраниците на Чочороски мотивирано влегуваат и во овој дуел.

„Натпреварот со Вардар беше една од најбитните за нас каде се обидовме да дадеме се од себе. Во текот на оаа недела успеавме да се одмориме и во натпреварот со МЗТ Скопје да влеземе како што треба. МЗТ Скопје е голема и искусна екипа, но тоа не треба да претставува пречка за да го дадеме максимумот. Напротив, треба да влеземе максимално мотивирани и да пружиме добар натпревар. Се надевам на позитивен резултат“ – изјави бекот на Црн Дрим, Андреја Деолски.

Се вчитува...