Ал Келаифи: Кратко и јасно – Мбапе нема да си замине од ПСЖ

Првиот човек на ПСЖ, Насер ал Келаифи, ја затвори вратата за заминување на Килијан Мбапе од „Паркот на принцовите“ во текот на летниот преоден рок. Мбапе има само уште една година од актуелниот договор со „светците“, преговорите за продолжување на соработката се во застој, но и покрај интересот од Реал Мадрид и од Ливерпул претседателот на ПСЖ јасно стави до знаење дека тој нема да даде зелено светло за трансфер на извонредниот голгетер.

Ал Келаифи уште еднаш го потенцираше ставот дека ПСЖ е најдобриот клуб за Мбапе и е убеден дека ќе биде постигнат договор за тој уште долги години да остане на „Паркот на Принцовите“.

„Кратко и јасно – Мбапе ќе остане во Париз. Никогаш нема да го продадеме, ниту пак ќе дозволиме да си замине како слободен играч. Тој има се што му е потребно во клубот, па кој друг тим од аспект на амбиција може да се натпреварува со нас. Килијан Мбапе има мисија, не само да игра фудбал, туку и да ја промовира лигата. Ова е негова држава, негов град“, порача Ал Келаифи.

Се вчитува...