Алба: Сакав да останам во Барса, но немаше како… заминувам со крената глава

Жорди Алба на прес-конференција пред новинарите говореше за своето заминување од Барселона, откако левиот бек денеска соопшти дека по долги години успешно бранење на боите на каталонскиот гигант, летово ќе го напушти „Камп Ноу“. Алба имаше уште една година од актуелниот договор со Барселона, упорно одбиваше ново намалување на платата, па на крајот реши да си замине откако му стана јасно дека е невозможно да остане во клубот под актуелните услови.

На крајот, тој се согласи да си замине една година пред истекот на договорот, а за возврат ќе му бидат исплатени парите што му се должат од периодот на кризата со коронавирусот (над 10 милиони евра).

„Јас секогаш бев тука за Барселона, ова е клубот на мојот живот и така и ќе остане. Кога пред извесно време изјавив дека сакам да останам во Барселона, тоа беше апсолутна вистина. Сепак, во меѓувреме се сретнав со претседателот и со тренерот, ми беше изнесена нивната визија и ми беше дадено време да размислам и да донесам одлука. На крајот, решив да си одам, можам да кажам дека заминувам со крената глава, сметам дека ова е најдобрата опција за сите“, изјави Алба, кој во последните единаесет сезони беше незаменлив на позицијата лев бек во Барса.

Намалувањето на буџетот за плати, по заминувањето на Пике пред неколку месеци, ги зголемува шансите за камбек на Лео Меси во клубот, па останува да се види дали Лапорта ќе успее да создаде доволно простор во буџетот за аргентинскиот генијалец да дојде назад на „Камп Ноу“.

Се вчитува...