Екипата на Работнички ќе биде значително ослабена во вториот дел од сезонава по заминувањето на Али Регба, 25-годишниот фудбалер кој блескаше во нападот на „романтичарите“ во првиот дел од шампионатот.
Голгетерот кој имаше седум гола и пет асистенции оваа сезона сепак нема да ја заврши во македонската Прва лига, туку ќе се пресели во Словенија и ќе го облече дресот на Марибор. Тој во текот на денешниот ден пристигнал во овој словенечки град, каде по минувањето на деталните лекарски прегледи ќе го стави својот потпис на договорот со повеќекратниот првак на Словенија.
Алжирецот со ирски пасош Али Регба ланската сезона ја мина во тимот на Белуиздад во татковината, а во минатото има настапувано за младинскиот тим на Лестер, како и за ирскиот прволигаш Бохемијанс.
Тој беше еден од најзаслужните што Работнички моментно се наоѓа на делба на првото место на табелата, па останува да се види како „романтичарите“ ќе го надополнат неговото заминување и дали ќе успеат да ангажираат адекватна замена до крајот на овој преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА