Алиоски не сака да чека – пропаѓа ли трансферот во Галатасарај?

Трансферот на Езгијан Алиоски од Лидс во Галатасарај би можел да пропадне во последен момент, откако турскиот клуб одбил да го потпише договорот чекајќи ги новите претседателски избори.

Влијателниот весник „Милијет“ обелодени дека проблем претставува фактот дека Алиоски постигнал договор со актуелниот претседател Мустафа Ченгиз, кој во меѓувреме најавил дека нема да учествува во изборите за нов претседател. Воедно, Ченгиз одбива да ги комплетира трансферите што ги има договорено за наредната сезона (покрај Алиоски, договорен е уште и Ајтак Кара), оставајќи тие да бидат официјализирани од неговиот наследник.

Турските медиуми тврдат дека ваквиот став наишол на незадоволство кај Алиоски и неговиот агент. Македонскиот репрезентативец се согласил на тригодишен договор за плата меѓу 1,8 и 2 милиони евра по сезона, па сега не сака да ги чека претседателските избори и да ризикува новиот прв човек на клубот да се откаже во последен момент.

Останува да се види дали ќе се интензивираат преговорите со Наполи, кој во меѓувреме покажа интерес за да го доведе Алиоски во своите редови, или крилниот фудбалер ќе разгледува и трета опција за продолжување на кариерата.

Се вчитува...