Алкалоид убедлив против Тиквеш за продолжување на максималниот ефект

Ракометарите на Алкалоид славеа против Тиквеш убедлво со 30-22 во дербито на 7. коло од Групата А во Суперлигата на Македонија.

Македонскиот вицешампион продолжува со доминацијата, запишувајќи ја и седмата победа во исто толку натпревари јасно потврдувајќи ја определбата за максимален ефект на секој дуел во првенството.

Уште од самиот почеток на дуелот беше јасно дека Алкалоид не размислува на ништо друго освен триумф, откако брзо поведе со 5-1 и 6-2. Се продолжи во ист стил до крајот на полувремето кое заврши со 14-11 за домашните.

Во вториот дел се засили ритамот во нападот и агресивноста во одбраната, па на крај се стигна и до убедлива победа од осум гола разлика, 30-22.

Џонов и Бинго беа најефикасни во победничкиот тим на Алкалоид со по пет гола, а Трајкоски на голот заврши со 12 интервенции. Кај Тиквеш се издвои Симиќ со четири погодоци.

Алкалоид сега го очекува европскиот дуел во вторник против Војводина на домашен терен во ЕХФ Европската лига, додека пак ГРК Тиквеш во недела ќе биде домаќин на Кремс.

Се вчитува...