Алонсо потврди дека преговарал со Мерцедес

Возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо, потврди дека имал преговори со Мерцедес да дојде во германскиот тим по повлекувањето на Нико Розберг и дека „случајот“ не е затворен. Шпанецот одговорил дека сезонава сепак, сака да го одработи својот договор со Мекларен, а во септември ќе реши за својата иднина во Ф1.

„Откако Розберг реши да се повлече, Мерцедес бараше алтернатива и проверуваше по малку кај секој од возачите што им беа во опција. Тоа не беше ништо чудно, не беа ни некои подлабоки преговори, едноставно проверка да чујат каква е мојата ситуација. Имавме неколку телефонски разговори, но сега нема причина да се разговара за тоа. Јас сум среќен. Мекларен заедно со Ферари се двата најпрестижни тимови во Формула 1“ – вели Фернандо Алонсо.

Шпанецот додава дека сезонава ќе биде максимнално посветен на целта да се обиде со Мекларен да стигне до третатат шампионска титула, а потоа ќе размисли што понатаму.

„Мерцедес? За во иднина, ќе видиме. За тоа ќе размислувам по летната пауза во август, септември. Сега ќе бидам фокусиран на овој шампионат, треба да видиме кои болиди и кои тимови ќе бидат конкурентни со новите правила“, вели Алонсо.

meklaren 1

Мекларен деновиве го претстави новиот болид MCL32 кој помалку беше изненадување со „ретро дизајнот“ во доминантно портокалова боја со која британскиот тим се враќа на корените. Портокаловата боја ја одбрал основачот на Мекларен, Брус Мекларен во шеесетите години од минатиот век. И првата победа на Мекларен во Формула 1 е изборена во портокалов болид во 1968 година.

Од 70-те до 90-те години болидите на Мекларен, поради спонзорските договори, беа црвено-бели, а потоа, се досега беа во темно-сива боја.

Сега болидот е портокалово-црн, додека белата боја е за корпоративниот бренд Хонда која го снабдува тимот со мотори. Новата боја, како што велат од британскиот тим, претставува нов почеток во ерата на Мекларен кој нема победа во трка во Ф1 уште од 2012 година. За тимот на Мекларен во претстојната сезона покрај Фернандо Алонсо ќе вози Белгиецот Стофер Вандорн.

Се вчитува...