Алварез го нема во составот на Атлетико поради болест

Нова грижа за Диего Симеоне и Атлетико Мадрид. Јулијан Алварез не учествуваше на денешниот тренинг на тимот поради здравствен проблем, објави „АС“.

Аргентинскиот напаѓач не се појави на теренот со останатите соиграчи, откако почувствувал стомачни тегоби, поради што клубот одлучил да не ризикува и да го остави надвор од тренажниот процес. Засега нема информации дека станува збор за посериозен проблем или повреда.

Неговото отсуство доаѓа во исклучително чувствителен момент за Атлетико. Алварез е во центарот на голема трансфер-сапуница, откако се појавија информации дека сака да го напушти Мадрид и да се пресели во Барселона.

Каталонскиот гигант е силно заинтересиран за аргентинскиот репрезентативец, но Атлетико засега одбива да го продаде, особено на директен конкурент во Шпанија. Барселона наводно веќе испратила понуда од 100 милиони евра, но таа била одбиена.

Целата ситуација дополнително ја влоши атмосферата околу Алварез. Аргентинецот неодамна беше исвиркан од навивачите на Атлетико, а тренерот Симеоне се обиде да ја смири ситуацијата и да остави отворена врата за негово враќање во тимот.

Сега останува да се види дали денешното отсуство е само краткотраен здравствен проблем или Алварез ќе мора да паузира и на следниот натпревар.

Се вчитува...