Хулијан Алварез беше главен актер во летната трансфер сапуница, желбата да се пресели во Барселона не му се оствари, ги наруши односите со сите во Атлетико Мадрид и остана на „Ванда Метрополитано“, а сега Аргентинецот планира да направи радикален чекор.
Алварез сериозно размислува да ја прекине соработката со својот долгогодишен агент, Фернандо Идалго, објави „ Онда Серо“.
Идалго го застапува Аргентинецот во текот на целата негова кариера, но неодамнешните несогласувања меѓу играчот, Атлетико Мадрид и Барселона, наводно, ја нарушиле довербата меѓу двете страни.
„Онда Серо“ објави дека Алварез веќе имал средба со агенцијата „Елегант гејм“ која ја предводи поранешниот фудбалер Хавиер Пасторе. Оваа агенција го застапува блискиот пријател и колега од аргентинската репрезентација, Енцо Фернандез, што би можело да овозможи непречена транзиција за напаѓачот.
Управата на Атлетико го обвини агентот на Алварез, Идалго, дека тој беше главен виновник за хаосот кој се случуваше во преодниот рок. Наводно, Идалго го убедил Алварез јавно да изјави дека сака трансфер во Барселона и дека Атлетико треба да му ја исполни желбата.
Челниците на Атлетико беа шокирани од овие барања и на Барселона и порачаа дека ако го сакаат Алварез ќе мора да ја платат откупната клаузула која изнесува 500 милиони евра по што каталонскиот тим се откажа од потписот со Аргентинецот.
„Хулијан навистина е во лоша состојба. Имаше луѓе кои си зедоа за право да го измамат, да го збунат“, беа зборовите на претседателот на Атлетико, Мигел Ангел Гил Марин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
