Американците Сигерман и Трхач се победници во двојки на „Македонија Опен 2024“

Американската комбинација Рајан Сигерман и Патрик Трхач се победници на годинашново издание на „Македонија Опен 2024′ откако во финалето со 2-0, во сетови 6-4 и 7-6(4), ги совладаа Чесите Ендрју Полсон и Патрик Рикл за еден час и 16 минути игра.

Американците имаа контрола над мечот иако во вториот сет на свој сервис не успеаја да ја искористат брејк предноста, па сетот се решаваше во тај брејк.

Со победата во Скопје Американците Сигерман и Трхач ја потврдија фаворитската улога и за нив ова е четврти Челинџер освоен оваа година.

„Задоволем сум од настапот и од победата на турнирот, одигравме навистина добар турнир. Им честитам и на финалистите, а се надевам дека оваа сезона ќе биде навистина успешна за нас“ – истакна по победата Сагерман.

Победниците на турнирот добиваат по 75 поени, со што ќе имаат шанса за голем скок на АТП листата, а финалистите ќе освојат по 50 поени.

Во моментов се игра финалето во поединечна конкуренција меѓу Полјакот Камил Мајхчак и Јоел Шварцлер од Австрија.

Се вчитува...