Анчелоти амбициозен пред новата сезона: Реал ќе атакува на сите шест титули!

Реал Мадрид новата сезона ќе ја стартува в среда, со натпреварот против Ајнтрахт Франкфурт, во Супер купот на УЕФА. Тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти ја најави својата амбиција за новите претстојни предизвици, истакнувајќи дека неговиот тим ќе атакува на сите шест титули сезонава.

Реал Мадрид веќе направи изненадување освојувајќи ја Лигата на шампионите на спектакуларен начин, со пресврти во целата елиминациска фаза, а популарниот Дон Карло уште ликува и ужива во убавото чувство.

„Моите фудбалери ќе влезат подготвени во натпреварот со Ајнтрахт, тие се професионалци. Сакаме да освоиме трофеј во првиот натпревар од сезоната. Ни претстојат шест можни пехари оваа сезона и сакаме да се бориме за сите нив. Ајнтрахт заслужува да игра во Супер купот, минатата сезона оствари нешто извонредно. Тие не беа фаворити, но победија на големи натпревари, како на пример во реваншот против Браселона, на ‘Камп Ноу’ и тоа на контранапади. Прекрасно да се види како ја освоија Лига Европа со таа нивна игра, дефинитивно ќе создадат многу проблеми за нас“, даде кратка анализа, Италијанецот.

Покрај ЛШ, Реал во претходната сезона ја освои и Ла Лига со 13 бода повеќе од Барселона и покажа дека овој тим е способен за многу титули.

Се вчитува...