Ангеловски: Среќен сум што конечно дојдоа и резултатите

Македонскиот селектор Игор Ангеловски искажа задоволство од победата над Белорусите од 3-0 на пријателскиот натпревар на „Телеком арената“.

Ангеловски потенцираше дека е среќен што конечно дојдоа и резултатите на овие два мартовски меча, по сите оние претходни квалитетни изданија во кои не не посака и среќата.

„Честитки за фудбалерите. Среќни сме поради триумфот, доминиравме на теренот против Белорусија која е речиси 100 места погоре на листата на ФИФА. Многу не критикуваа за ранкингот ете сега мислам дека и тоа ќе го подобриме. Игравме добро и на претходните мечеви, но немавме резултати… Драго ми е што сега дојдоа и резултатите. Две победи во низа не сме имале многу одамна и тоа може да радува. Но не смее да има еуфорија, треба уште многу да работиме“ – истакна Ангеловски на прес-конференцијата по натпреварот.

Белорускиот селектор, пак, не ја криеше разочараноста…

„Игравме токму онака како што посакуваше Македонија. Можеби малку подобро од дуелот со Шведска, но недоволно добро за позитивен резултат. Македонија беше поквалитетна на овој меч а ние секако потфрливме“ – рече Игор Криушенко.

Се вчитува...