Антиќ: Верувам во овие девојки, можеме до пласман во полуфиналето

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години се пласираше меѓу најдобрите осум екипи на Европското првенство Б-дивизија кое се одржува во Скопје. Избраничките на Јелена Антиќ групната фаза ја завршија со половичен успех од две победи и два порази, а во четвртфиналето за противнички ќе ги имаат врсничките од Словенија.

Селекторката Антиќ не ги криеше задоволството од прикажаното во групната фаза, но најмногу се радува на позитивната атмосфера која е создадена во тимот.

„Среќна сум што успеавме да се вратиме по лошите резултати против Хрватска и Црна Гора, особено против Хрватска бидејќи тоа беше меч за кој ние мислевме дека можеме да го добиеме. Се случи кикс, атмосферата не беше на посакуваното ниво уште од почетокот и тоа се одрази на конечниот резултат. Сепак, јас сум среќна и горда на екипата бидејќи успеа да се избори со емоциите. Ова се млади девојчиња кои сеуште немаат големо искуство и нормално е секој лош настап, особено кога станува збор за порази со толкава разлика да се одрази на нив. Успеавме со разговори и смиреност да им влееме самодоверба. Пред се да сфатат дека, всушност, ние сме добра екипа и дека веројатно недостасуваше многу малку за да дојдеме до победата против Романија. Атмосферата и енергијата што ги имавме како екипа, како и поддршката од трибините беа на посакуваното ниво кога најмногу требаше и тоа беше клучно за триумфот со кој влегуваме во четвртфиналето“, вели Антиќ.

По изборување на место меѓу најдобрите осум екипи на континенталниот собир селекторката верува дека со добра игра може до пласман во полуфиналето.

„Ова е историски момент за македонската женска кошарка. Но јас не сум човек кој се задоволува лесно, верувам дека можеме да играме против Словенија и се подготвуваме на таков начин. Самодовербата ни е на високо ниво и така треба да остане бидејќи ова е женска кошарка и се е возможно. Искрено се надевам дека ќе се избориме за победа“, додава Антиќ.

Натпреварот против Словенија кој ќе биде одигран утре во СЦ „Борис Трајковски“ е закажан со почеток од 18 часот и 45 минути.

Се вчитува...