Апликација за следење на состојбата со коронавирусот во Македонија

Состојбата со заболени лица од корона вирусот во Македонија може да се следи на апликацијата http://gdi-sk.maps.arcgis.com/apps/opsdashboard/index.html#/2096bd4b051b42948ac3f5747e80c3a5, која македонската компанија ГДи Скопје ја прилагоди за потребите на нашите граѓани.

Покажувајќи општествена одговорност, компанијата, на едно место, ги регистрира сите случаи на заболени лица од корона вирусот во земјава и на тој начин, настојува да ги алармира граѓаните за кризните подрачја и носење вистински одлуки.

Според генералниот директор на ГДи Скопје, Дејан Крстевски, оваа апликација ја имаат и другите држави во регионот, каде податоците се ажурираат согласно известувањата на институциите и на светските статистики. Тимот на ГДи ширум светот придонесува за нашите заедници со знаење, технологија и податоци.

„Во овие моменти на криза, сакаме да помогнеме на населението и на институциите вистински и во реално време, да ја следат состојбата со развојот на вирусот во Македонија. Кога ќе се уредат сите просторни податоци на едно место, полесно е да се избегне кризата и да се донесат вистински одлуки. Овозможува едноставен и прегледен приказ во служба на информирање на јавноста, но пред се е корисна алатка за оние кои носат одлуки и мерки за сузбивање на вирусот“, вели Крстевски.

Географски информациони системи (ГИС) се начини за организирање, презентирање и анализирање на просторни и географски податоци. ESRI е водечка организација во областа на географијата и давател на ГИС ресурси.

Се вчитува...