Арачиновци мотивирани за победа и во Штип

По големиот триумф над Башкими во Куманово, фудбалерите на Шкендија Арачиново се подготвени за нов подвиг во Првата лига. Овојпат на жешкиот терен против Брегалница во Штип.

„Атмосферата во соблекувалната е фантастична по победата во Куманово. Со последните засилувања го комплетиравме тимот и формата ни оди  во нагорна линија. Екипата влегува во вистински ритам и делува сè посигурно на терено“, порачува офанзивецот Амир Нухија.

За амбициите на клубот нема дилеми, трите бода се единствената опција.

„Шкендија Арачиново е клуб со шампионски менталитет. Управата и верните навивачи од нас секогаш бараат победа, без разлика кој е од спротивната страна. Со иста таа желба и енергија пристапуваме и на мечот во Штип“.

Дополнителен мотив за „црвено-црните“ е и вечерниот термин од 18:30 часот, кој ветува вистински фудбалски спектакл.

„Посвежото време ќе ни дозволи да диктираме уште побрз, поагресивен и помоќен фудбал“, дециден е Нухија.

Брегалница претходно славеше во Арачиново, додека нивниот последен натпревар, во Штип, заврши без победник (1-1).

Натпреварот Брегалница – Шкендија Арачиново се игра денеска (04 септември) на Градскиот стадион во Штип, со почеток од 18:30 часот.

Се вчитува...