Аталанта го растури Сасуоло, во чест на жртвите од Бергамо

Аталанта се зацврсти на четвртото место во Калчо-лигата откако „сино-црните“ вечерва славеа на домашен терен против Сасуоло со убедливи 4-1. Мечот се играше пред празни трибини, но фудбалерите на Аталанта уште пред натпревар се мотивираа изјавувајќи дека се должни да триумфираат за победата да ја посветат на сите жртви од Ковид-19 во Бергамо, еден од најпогодените градови во Европа од оваа болест.

Аталанта тргна фуриозно, од самиот почеток наметна темпо што гостите не можеа да го следат и рутинско го контролираше резултатот. Џимсити го отвори резултатот во 16. минута, три минути подоцна Гомез зголеми на 2-0, но овој погодок беше поништен со ВАР. Тоа не ги исфрли од ритам домашните фудбалери, најпрвин Запата го матираше голманот на Сасуоло, а потоа Бурабија со автогол зголеми на 3-0. Запата со својот втор гол во второто полувреме зголеми на 4-0, а конечните 4-1 ги постави Бурабија, овојпат со погодок во мрежата на Аталанта.

Тимот од Бергамо по денешната победа има шест бода предност во однос на Рома во трката за четвртото место кое значи пласман во ЛШ наредната сезона.

Се вчитува...