МЗТ Скопје максимално подготвен го дочекува стартот на сезоната во која „металците“ повторно влегуваат со Васко Атанасов на клупата, откако младиот струмичанец во претходните години освои се што можеше да се освои со овој клуб.
Аеродромци ги очекува пеколен прв дел од сезоната во кој ќе бидат и дел од ФИБА Европа купот, како и од АБА2 лиггата, но Атанасов има апсолутна доверба во тимот што го има на располагање.
„Mислам дека со ростерот што го имаме сега можеме да одговориме на предизвикот и густиот распоред кој е пред нас во наредниот период. Веќе в сабота го играме првиот меч против Куманово од Суперкупот на Македонија, за нас традиционално отворање на сезоната. Да, ритамот ќе биде пеколен, но имаме играчи, имаме доволен број на квалитетни играчи кои можат да одговорат на предизвиците што ќе ги носи новата сезона. Влезот во АБА1 лигата е наша голема желба и амбиција, секако одбраната на трофеите на домашната сцена е нешто што се подразбира, но тоа дефинитивно не значи дека ќе се предадеме без борба во ФИБА Европа купот, тоа е натпреварување во кое се враќаме по подолго време и ќе сториме се за да се претставиме во што подобро светло. Сигурно нема да калкулираме во европското натпреварување за да се чуваме за АБА, тоа не би одговарало на реномето на МЗТ“, истакна Атанасов.
Шампионскиот тренер на МЗТ Скопје верува во нова двојна круна на домашната сцена, а откако одигра низа пријателски средби со македонски тимови, Атанасов може да даде и оценка за квалитетот на лигата во сезоната што претстои.
„Мислам дека ќе имаме послабо првенство во однос на лани, тоа е мое првично мислење. Пријателските натпревари се некој репер, не се точна потврда за квалитетот, но генерално мислам дека ќе имаме послаба лига во споредба со ланската сезона. За главни конкуренти ги гледам Работнички, што е многу добро за македонката кошарка, екипа на Куманово и секако екипата на ТФТ“, вели Васко Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
