Атлетико со двајца позитивни на Covid-19, на четири дена пред мечот од ЛШ

На само три дена пред почетокот на завршниот турнир од Лигата на Шампионите во Лисабон се појавија и првите сериозни проблеми за УЕФА, откако Атлетико Мадрид непосредно пред тргнувањето за Португалија објави дека двајца фудбалери на овој клуб се позитивни на коронавирус.

Согласно препораките на УЕФА, врз сите членови на шпанската делегација биле извршени тестирања пред патувањето, но во таборот на „јорганџиите“ биле непријатно изненадени кога резултатите покажале дека два теста се позитивни на Covid-19.

Идентитетот на позитивните лица засега не е обелоденет во јавноста, но Атлетико објави дека тие се ставени во самоизолација, а врз оние кои имале близок контакт со нив ќе бидат извршени нови тестирања. Воедно, мадридскиот клуб објави дека поради тоа ќе мора да има промени во системот на тренирање, што дефинитивно ќе ги наруши подготовките за четвртфиналниот меч од ЛШ, што избраниците на Диего Симеоне в четврток ќе го играат против Лајпциг.

Поради ваквиот развој на настаните експедицијата на Атлетико ќе биде поинтензивно тестирана по пристигнувањето во Лисабон, па останува да се види дали ќе се појават нови позитивни случаи.

Се вчитува...