Австралија со една моќна четвртина си визираше полуфинале

Австралија е последниот полуфиналист на СП 2019 откако „кенгурите“ успеаја да ја оправдаат фаворитската улога против Чешка, триумфирајќи со 82-70. Една извонредна четвртина им беше доволна на Австралијците да стигнат до триумф, откако го добија третиот период со 30-18, создавајќи си предност што потоа рутински ја задржаа во последните десет минути од четвртфиналето.

Првото полувреме донесе израмнета игра во која шутот не ги служеше австралиските кошаркари со исклучок на Пети Милс, кој погоди четири тројки во серија. Чешка целосно парираше во овој дел од мечот, а на одмор се замина со водство на Австралија од 33-30. И тогаш, Австралија влезе во шутерски ритам, почнаа да погодуваат и останатите асови на „жолтите“, па предноста експресно стана двоцифрена. Во последната четвртина се влезе со резултат 63-48, а Чесите и покрај неколкуте обиди не успеаја посериозно да се приближат, па „кенгурите“ го добија овој меч со конечни 82-70.

Пети Милс со 24 поени и 6 асистенции беше најзаслужен за оваа победа, Гоулдинг реализираше 14 поени, додека кај Чешка се истакна Саторански, кому му недостигаше само еден скок за трипл-дабл (13 поени, 13 асистенции и 9 скокови).

Австралија во полуфиналето в петок ќе се сретне со Шпанија, а во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Аргентина и Франција.

Се вчитува...