Бајката кратко траеше: Надал елиминиран во вториот меч во Барселона

Долгата пауза од терените дефинитивно остави трага врз формата на Рафаел Надал, кој се надеваше на подолг престој на омилениот турнир во Барселона, но за жал неговата „бајка при камбекот“ траеше само два меча.

Откако вчера лесно триумфираше на своето враќање на терените, Надал денеска имаше далеку посериозен ривал во Алекс де Минаур… и падна на тој испит губејќи со 0-2 во сетови. Мечот почна со ран брејк на Австралиецот, но Надал успеа да возврати кон средината на првиот. Шпанскиот ветеран својата шанса ја пропушти при брејк можностите при водство од 4-3, Де Минаур се одбрани и израмни на 4-4, а потоа во неизвесна завршница од првиот сет стигна и до триумф од 7-5.

Загубениот сет како да го деморализираше Надал, кој делуваше далеку послабо во вториот дел од мечот. Тенисер како Де Минаур знаеше како да го искористи тоа, доминираше на теренот и со убедливи 6-1 го доби вториот сет, за конечен триумф над шпанската тениска легенда.

За големината на Надал најдобро говорат сцените по мечот, кога сите присутни на трибините, заедно со Де Минаур на теренот, му аплаудираа на Шпанецот додека тој се упатуваше кон соблекувалната.

Се вчитува...