Барди: Последниот пат кога бев капитен дадов три гола, сега ми е чест што повторно сум со лентата

ЕКИПА во Разград,

Владимир Булатовиќ

Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди вели дека капитенската лента за него секогаш носи и дополнителен мотив иако, како и секогаш скромен, фудбалерот на шпански Леванте нагласува дека сите во националниот тим се капитени со еднаков придонес за успесите на репрезентацијата.

„За мене е огромна чест и задоволство на укажаната доверба да ја носам капитенската лента. Да, точно дека лентата ќе ја носам јас но постојано секогаш нагласувам дека во овој тим сите ние сме капитени и сите еднакво придонесуваме за успесите на оваа репрезентација. За мене е најважно еднакво да допринесуваме за успесите на Македонија. Инаку, кога последен пат бев капитен на репрезентацијата на гостувањето против Ерменија кога победивме со 0-5, дадов три гола. А, ете сега повторно сум со капитен. Па, сега видете…“ – истакна низ смеа Барди на прес-конференцијата во Разград.

Што се однесува до новата Лига на нации, еден од најдобрите македонски фудбалери нагласува дека сигурно треба внимателно да се пристапи кон натпреварот затоа што во модерниот фудбал нема фаворити…

„На минатите натпревари оваа година ние бевме во подредена улога, но ете видовте и самите дека не постојат фаворити па ние изненадивме селекции како Германија или Италија. Тоа треба да ни укаже дека треба голем фокус и на утрешниот дуел и без залетување“ – вели Барди и дополнува:

„Нормално дека ни е важен овој старт на новата сезона во Лигата на нации. Сега имаме и одредени освежувања, нови имиња во селекции. Посакуваме добар почеток, секој следен натпревар ни е најважниот во моментов па сигурно сега единствено сме фокусирани на дуелот со Бугарија“.

Се вчитува...