Барса е без трофеј по 12 сезони: Тогаш си замина Роналдињо, а сега…

Барселона го доживеа едно од најголемите понижувања во клупската историја со дебаклот во Лисабон, со што се заокружува и најслабата сезона на каталонскиот гигант со години наназад. Поточно, по цели 12 години се случува Барса да заврши една сезона без ниту еден единствен освоен трофеј, доволна причина за палење на алармот на „Камп Ноу“.

Последен пат Барселона била без пехар во сезоната 2007/08, кога предводена од Франк Рајкард имаше сезона за заборав. Претходното лето претседателот Лапорта инвестираше сериозен буџет во Анри, Јаја Туре, Милито и во Абидал, но каталонскиот гигант имаше сезона за заборав, заврши на третото место во Ла Лига со 18 бода заостанување зад Реал Мадрид, во ЛШ испадна од Манчестер Јунајтед, а во Копа дел реј беше елиминиран од Валенсија предводена од Роналд Куман.

Тоа фијаско беше најава за „ремонт“, па Рајкард доби отказ, а на негово место шанса доби Пеп Гвардиола. Една од првите одлуки на Пеп беше разделба од Бразилецот Роналдињо, а заедно со него од „Камп Ноу“ си замина Деко. Јасно е дека Сетиен ќе добие отказ, исто како што е јасно дека проблемот не беше само во тренерот, па ќе треба да се врши и „ремонт“ на играчкиот кадар. Останува да се види која од „ѕвездите“ ќе си замине од Барселона, се чини дека Меси барем засега е сигурен за останување (не ја активираше клаузулата за заминување) најмалку до јуни 2021 година, но истото не важи и за Суарез, Пике и Гризман.

Многу работи ќе зависат од тоа кога би се одржале претседателските избори, но јасно е дека нешто ќе мора да се менува од корен, бидејќи дното е допрено.

Се вчитува...