Барселона го потврди заминувањето на германскиот голман Марк-Андре тер Штеген на едногодишна позајмица во Ајакс. Клубот работеше на неговиот трансфер бидејќи тој стана вишок поради високата плата и загубата на статусот на прв голман.
Во официјално соопштение, клубот објави дека е постигнат договор со Ајакс за позајмица што трае до 30 јуни 2027 година. Ова претставува втор период на соработка меѓу германскиот голман и тренерот Мичел, под чие водство тој веќе играше за време на позајмицата во Џирона.
За време на престојот во Џирона, Тер Штеген забележа само два настапа поради повреда, а сега повторно ќе соработува со истиот тренер во Ајакс, клуб кој има освоено четири европски титули и 36 титули во холандското првенство.
Тер Штеген ја напушта Барселона откако освои 21 трофеј со клубот, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 2015 година. Со одиграни 423 официјални натпревари, тој се наоѓа на единаесеттото место на листата на играчи со најмногу настапи во историјата на клубот. Меѓу странските играчи кои настапувале за Барселона, само Лионел Меси има забележано повеќе настапи од него.
Барселона го заврши соопштението со напомена дека Тер Штеген се надева оти за време на престојот во Ајакс ќе ја врати врвната форма што со години ја прикажуваше во Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
