Барса спрема целосен ремонт, само четири играчи се „недопирливи“

Кризата во Барселона дополнително ќе се продлабочува, за утре е закажан „кризен состанок“ на бордот на директори, а каталонските медиуми ја прават трансфер-листата на која ќе се најдат голем број „ѕвезди“ кои имаа разочарувачка сезона. Најдалеку отиде весникот „Спорт“, кој најавува дека само четири фудбалери ќе бидат „недопирливи“ и околу нив ќе се гради тимот за следната сезона. На врвот на листата очекувано е Лионел Меси, а покрај него присутни се и голманот Тер Штеген, потоа Френки де Јонг и сосема изненадувачки – Ленгле, кој се наметнува како нов командант на одбранбената линија на каталонскиот гигант.

Вториот голман Нето ќе биде продаден меѓу првите заедно со Умтити, кому за голем грев му се зема што во текот на сезонава одбил да замине на операција, по што неколку пати ја повторуваше старата повреда. Рафиња по трите позајмици повторно ќе биде на трансфер-листа, а се најавува и заминувањето на Ракитиќ, кој зема плата од девет милиони евра годишно, а игра далеку под своите можности. Бреитвајт е поврзуван со неколку премиерлигаши, а главен проблем ќе биде да се најде купец за Кутињо и за Дембеле, кои заедно чинеа 250 милиони евра, а сега не може да се врати ниту половина од оваа инвестиција.

Каталонците се решени да се откажат и од дел од „ѕвездите“ во тимот, кои ќе си заминат како дел од овој ремонт. На првото место тука е Жерар Пике, кој често влегуваше во конфликт со управата, а и првиот побара покоренити промени во клубот по фијаското во Лисабон. Луис Суарез исто така е на излезна врата и евентуално би можело да го спаси пријателството со Меси (доколку Аргентинецот инсистира „деветката“ да остане уште една година во клубот), а статусот на „недопирливи“ веќе го немаат Алба и Бускетс, за кои ќе се разгледуваат сите понуди кои ќе пристигнат во наредниот период. Гризман не ги оправда очекувањата и исто така би можел да си замине, а Французинот се споменува како „мамец“ за преговори со Интер за директна размена за Лаутаро Мартинез, или со ПСЖ за Нејмар, иако е тешко да се поверува дека Бразилецот летово ќе си замине од „Паркот на принцовите“.

Засега од новите засилувања договорен е само Пјаниќ, а изборот на нови асови ќе биде извршен по консултациите со новиот тренер, кој би можел да биде именуван веќе во текот на следната седмица, со оглед на фактот дека се нема многу време во пресрет на стартот на новата сезона.

Се вчитува...