Барселона без пехар – Атлетик Билбао го освои Супер-купот на Шпанија

Барселона и во периодот на голема криза беше многу блиску до освојување на трофеј, со оглед на фактот дека до 90. минута од финалето на Супер-купот на Шпанија водеше со 2-1 против Атлетик Билбао. Сепак, противникот од Баскија не се предаде, во самиот финиш израмни на 2-2, а потоа во првото продолжение го комплетираше пресвртот со кој се закити со трофејот, сосема заслужено ако се знае дека Атлетик пред вечерашното финале во полуфиналната пресметка го совлада и Реал Мадрид.

На Антоан Гризман се чини не му е пишано да биде херој на Барселона. Францускиот голгетер двапати ја носеше Барса во водство на вечерашниот натпревар, но противниците успеваа да стигнат до израмнување. Вилјалибре беше стрелец на голот со кој финалето беше одведено во продолженија, а таму Ињаки Вилијамс со еврогол го закопа каталонскиот гигант.

Мизеријата за Барса беше комплетирана во последната минута, кога Лионел Меси доби црвен картон поради удирање на противнички фудбалер.

Се вчитува...