Барселона пак е „шворц“: Пропаѓа „трансферот од соништата“ на Левандовски

Роберт Левандовски повеќе од еден месец упорно инсистира да му биде дозволено да се пресели во Барселона, но како што стојат работите „трансферот од соништата“ на полскиот голгетер сепак нема да се реализира.

Проблемот не е во Баерн Минхен, туку во финансиите на каталонскиот гигант, кој повторно се наоѓа во сериозна криза слична на онаа од минатото лето, кога не можеше да го регистрира новиот договор на Лео Меси поради буџетот на плати што го надминува поставениот лимит од Ла Лига. Токму првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, денеска гласно ја коментираше состојбата во која се наоѓа Барселона.

„Барса многу добро ги знае правилата на Ла Лига и каква треба да биде финансиската состојба на клубот за да може да доведе и регистира нови фудбалери. Не знам дали ќе ги продаваат Де Јонг или Педри, но на нив им е јасно што мораат да сторат – да ги зголемат приходите. Барселона во последните години имаше бројни акумулирани загуби што можеше да ги избегне доколку работеше домаќински, како што на пример тоа го правеше Реал Мадрид“, изјави Тебас.

Ваквата изјава на првиот човек на Ла Лига веднаш беше критикувана од Жоан Лапорта, кој најави подобри денови, но без конкретно решение за кризата.

Останува фактот дека Барселона веќе договори двајца фудбалери за летово, Кристенсен од Челси и Кеси од Милан, но се уште не може да ги регистрира двајцата токму поради проблемите со надминатиот буџет со плати. Финансиските проблеми на каталонците сериозно го загрижуваат и Левандовски, кој според последните информации веќе не е толку сигурен дека преселба на „Камп Ноу“ би била супер-трансфер за него.

Се вчитува...