Бартомеу: Нема ни да се мачиме да праќаме понуда за Нејмар

Нејмар и дефинитивно ќе остане во ПСЖ и во наредната сезона откако Барселона јавно се откажа од намерата да го доведе овој фудбалер во своите редови. Каталонците минатото лето имаа неуспешна офанзива за да го вратат Нејмар на „Камп Ноу“, но финансискиот удар поради коронавирусот придонесе овој гигант воопшто да не влегува во преговори за својата поранешна суперѕвезда.

„Трансферот на Нејмар е невозможен со оглед на актуелната ситуација. Загубивме 200 милиони евра за време на паузата од март до јуни. За сезоната 2020/21 имавме проектирана добивка од 1,1 милијарда евра, новите проценки се дека ќе заработиме 30% помалку пари. Ако ситуацијата не се подобри, ако нема фанови на стадионите, во музејот и во клупските продавници, ќе губиме уште повеќе пари. Лани дадовме се од себе, но овојпат нема ни да се мачиме да испраќаме понуда до ПСЖ“, порача првиот човек на Барселона, Хозеп Бартомеу.

Каталонците сега целото внимание ќе го насочат кон ангажман на Лаутаро Мартинез од Интер, но за да го реализираат овој мегатрансфер најпрвин ќе мора да продадат едно од своите „промашувања“, Усман Дембеле или Филипе Кутињо.

Се вчитува...