Башкими и Арсими во битка за „лечење“ на претходните болни порази

Кумановскиот прволигаш Башкими се наоѓа во серија од три кола без триумф, вклучувајќи ги и двата болни порази на домашен терен од Шкендија Арачиново и Силекс.

Проблемот за шефот на стручниот штаб, Муарем Муарем, пред сè останува немоќта во нападот, Башкими целосно затаи и нема постигнато ниту еден погодок пред сопствената публика на последните два меча.

Следна пречка на патот кон закрепнување е составот на Арсими, екипа која исто така е во резултатска криза и не знае за победа во изминатите седум рунди од елитата.

„Дуелот против Арсими е пресуден за нас. Дојде моментот да се вратиме на победите и да ја прекинеме оваа негативна серија. Ги повикувам нашите верни навивачи да ги исполнат трибините, да ни дадат ветар во грб и заедно да стигнеме до трите бода“, порача во својата изјава Енсар Саити.

Историјата и меѓусебната традиција одат во прилог на Арсими, кој има скоро од 6 победи во досегашните 12 пресметки, додека Башкими славел само 3 пати, додека 3 дуели завршиле без победник.

Поразот од Брегалница во последните секунди од натпреварот донесе разочарување во редовите на Арсими, но тимот веќе е фокусиран на следниот предизвик – гостувањето кај Башкими во Куманово.

Фудбалерот на Арсими, Муарем Мислими, не го криеше разочарувањето од несреќниот пораз, но истакна дека екипата мора да извлече поуки и да продолжи со уште поголема посветеност.

„Секако дека сме разочарани како екипа, бидејќи кога ќе примиш гол и ќе загубиш во последните секунди, тоа е многу тешко да се прифати. Сепак, фудбалот е таков и мора да извлечеме поуки од овој натпревар. Ќе работиме максимално, ќе се подготвиме што е можно подобро и ќе се вратиме посилни во следните натпревари. Сега сме целосно фокусирани на следниот дуел против Башкими во Куманово. Знаеме дека нe очекува тежок натпревар, но нашите амбиции се јасни, да го дадеме максимумот на теренот и да се вратиме со позитивен резултат. Верувам во овој тим и убеден сум дека со работа и посветеност ќе успееме да ги оствариме нашите цели“, изјави Мислими.

Арсими ќе има можност за брза реакција на гостувањето во Куманово, каде што ќе се обиде да го остави зад себе поразот од Брегалница и да се врати на позитивните резултати. Натпреварот Башкими-Арсими ќе се одигра денес со почеток од 14 часот  на  стадионот  во Куманово.

Се вчитува...