Актуелниот шампион Вардар денеска на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија го пречекува тимот на Струга ТЛ во дербито на 12.коло од Првата фудбалска лига.
Вардарци се надеваат дека ќе продолжат со позитивната низа во шампионатот, а истовремено сакаат експресно да го заборават слабото издание од куп-натпреварот против Тиквеш.
Десниот бек Ѓоргије Јанкулов вели дека атмосферата меѓу вардарци е оптимистична и дека планот е да се освојат трите бода против Струга Трим Лум.

„Играме дерби натпревар против Струга ТЛ и ќе се обидеме да ја продолжиме успешната низа на резултати кои ги имаме во првенството. Посакуваме три бода, со оглед дека нашите амбиции се да стигнеме до првата позиција на табелата. Минатиот натпревар од Купот е заборавен и се надеваме дека тоа беше само еден лош ден. За да стигнеме до успех на денешниот меч со Струга Трим Лум, ќе мораме грешките да ги сведеме на минимум“, изјави Ѓоргије Јанкулов.
Тренерот на Струга Трим Лум, Бледи Шкемби, го најави претстојниот натпревар против Вардар, истакнувајќи дека неговиот тим го очекува тежок предизвик, но во Скопје ќе патуваат со јасна цел – да ги освојат трите бода.
„Против Вардар нè очекува тежок натпревар, исто како речиси секоја недела во првенството. Во Скопје одиме да одиграме добар натпревар и ќе се обидеме да победиме. Секако, мора да го почитуваме противникот и да го дадеме максимумот од наша страна“, изјави Шкемби.

Тренерот на Струга ТЛ се осврна и на борбата за врвот на табелата, за важноста на денешниот дуел со Вардар како и на следниот предизвик против Шкендија Тетово, нагласувајќи дека сè уште е рано овие средби да се прогласат за решавачки.
„Не мислам дека станува збор за пресудни натпревари, ниту овој против Вардар, ниту следниот што нè очекува против Шкендија. Првенството има уште многу натпревари и има доволно време за надополнување на бодовите, без оглед на моментната ситуација“, порача стратегот на Струга ТЛ.
Натпреварот меѓу Вардар и Струга Трим Лум ќе се одигра на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, со почеток од 14 часот, а ќе го суди Доне Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
