Бејтулаи: Дресот на Шкендија не се споредува со било кој друг

Егзон Бејтулаи по шестмесечна пауза повторно ќе го облече дресот на Шкендија, откако македонскиот репрезентативец по кратката авантура во Шведска реши да се врати назад во Тетово. Одличниот дефанзивец ќе биде значаен адут на тетовци, носејќи сигурност во последната одбранбена линија.

„За мене дресот на Шкендија не се споредува со било кој друг. Максимално сум мотивиран во пресрет на новиот почеток. Јасно е дека шест месеци без официјални натпревари е предолг период, сигурно сите тимови ќе ги чувствуваат последиците и првите четири-пет кола ќе бидат вистински тест за екипите. Едно е сигурно, едвај чекаме да почнеме да играме и ситуацијата да тргне кон нормализирање“, вели Бејтулаи.

Шкендија веќе во првото коло ја очекува тешка задача, гостување во Скопје против тимот на Шкупи.

„Нема да има лесни натпревари во текот на целата сезона, а на сите ни е јасно колку е тешко да се игра во Чаир. Го почитуваме Шкупи, но наша цел е да победиме и да ги освоиме трите бода. Најважно е да го дадеме максимумот, да играме како што ќе се договориме и ќе видиме кој тим ќе заслужи да се радува на крајот“, порача Бејтулаи.

Се вчитува...