Белфаст ќе „гори“: Швајцарците со девет победи мораат да играат бараж

Северна Ирска ќе ја пречека Швајцарија во вториот дуел од баражот за пласман на СП 2018, на дуелот во Белфаст на кој Ирците се надеваат дека ќе стигнат барем до минимална предност пред реваншот во Швајцарија. Гостите ја имаат фаворитската улога во пресрет на овој двомеч, ако се знае дека во главните квалификации Швајцарците на десет натпревари забележаа вкупно девет победи, но поради поразот од Португалија во последното коло паднаа на второто место, па ќе мора преку бараж да се борат за мундијалски билет.

Основна цел за нас е да не загубиме во Белфаст, а идеално би било кога би постигнале и барем еден гол. Бевме разочарани што завршивме втори во групата, но мораме да направиме „ресет“ во главата, да го заборавиме минатото и да се фокусираме само на двете средби со Северна Ирска. Сигурно нема да го потцениме противникот, Ирците покажаа квалитет во последните неколку години и неслучајно се дел од овој бараж“ – изјави швајцарскиот селектор Владимир Петковиќ, кој за овој двомеч не го повика искусниот дефанзивец Џуру.

Домашниот селектор Мајкл О’Нил со нетрпение го очекува почетокот на првиот натпревар, на кој Ирците ќе имаат огромна поддршка од фанатичните навивачи.

Имаме голема шанса што не би смееле да ја прокоцкаме. Искуството денеска е најголема сила, ние минавме заедно многу убави, но и тешки моменти и токму поради тоа искуство не се плашиме од Швајцарија. Напротив, ќе сториме се што е во наша моќ за да ја искористиме шансите и на крајот од овој бараж да не жалиме за ништо“ – истакна О’Нил.

Се вчитува...