Данските репрезентативци го прекинаа штрајкот и се собраа за стартот на Лигата на Нации, а Никлас Бентнер го искористи краткото враќање во татковината за веднаш да направи нов инцидент. Имено, голгетерот на Розенборг мина неколку часови во притвор и против него е покренато обвинение за насилство, откако Бентнер влегол во конфликт со таксист на улиците во Копанхаген.
„Можеме да потврдиме дека еден наш вработен влегол во конфликт со Никлас Бентнер, фудбалер на данската репрезентација. Тој бил нападнат од Бентнер и му била скршена вилицата, па во текот на ноќта мораше да биде и опериран. Повеќе детали околу причините за нападот не ни се познати“ – изјавија од такси-компанијата за данските медиуми.
Ниту полицијата, ниту пак челниците на неговиот клуб Розенборг, не сакаа да коментираат за случајот, но сигурно е дека Бентнер поради овој инцидент нема да се појави во тимот на денешниот дуел со Велс.
Судскиот процес би требало да почне во текот на следниот месец, а со оглед на историјата на насилство што ја има покажувано фудбалерот во изминатите години, лесно може да се случи да му биде изречена дури и затворска казна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА