Берлускони: До крајот на животот ќе бидам најголемиот навивач на Милан

Долгогодишниот сопственик на Милан, Силвио Берлускони, денеска и официјално за околу 740 милиони евра го продаде клубот на новите кинески сопственици, а по ова со емотивно писмо се прости од фудбалерите, вработените во клубот и навивачите. Тој порача дека секогаш ќе биде најголемиот навивач на Милан.

„После повеќе од 30 години го напуштам претседателското место на Милан. Никогаш нема да ги заборавам емоциите што Милан ми ги подари мене и на сите нас, никогаш нема да ги заборавам сите луѓе со кои имав можност да работам и со чија помош овој клуб освои многу трофеи. Големите тренери и големите шампиони кои го направија овој клуб трофеен и кои секогаш ќе останат во историјата. Сакам да ги прегрнам сите фукционери, административци и сите луѓе кои работеа во Милан и кои направија од Милан модел за целиот фудбалски свет. Пред сите, Адријано Галјиани, кој сите овие години беше конструктор и главен кадровски двигател на клубот. Посебно сакам да се заблагодарам до сите фанови на Милан, до сите оние кои доаѓаа на стадионот да го бодрат тимот и оние кои физички беа далеку, но го носат Милан во своето срце. Им порачувам дека ќе останам засекогаш прв навивач на Милан, клубот во кој се вљубив како дете. На новите сопственици им посакувам да го продолжат патот и да остварат уште поголеми успеси од оние кои што ги остваривме ние сите заедно во изминатите 30 години…, пишува во писмото, Силвио Берлускони.

Се вчитува...