Македонската сениорска репрезентација го одработи првиот собир во „Т Арена“ во Скопје, со што и официјално започна краткиот подготвителен период за гостувањето кај Австрија во рамките на втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Селекторот Хозе Мариа Берокал на располагање има речиси комплетен состав, а токму ростерот со кој Македонија ќе настапи во Виена беше една од темите на разговор со предводникот на националниот тим за официјалната интернет страница на федерацијата.
Дали на средбата со Австрија ќе го видиме најдоброто можно издание на Македонија во овие претквалификации?
„Би се рекло дека е така, односно веројатно го имаме најдобриот ростер. Во овој момент имаме на располагање 14 кошаркари, практично речиси комплетен состав, со исклучок на Јакимовски. Ова е краток, многу краток период за подготовки. Она што е добро за нас е што ги имаме играчите на кои сметавме. Секако, важен дел од сето ова е и тоа дека го респектираме противникот. Во секој тим има промени, но тоа е дел од кошарката.“

Берокал верува во квалитетот на своите избраници, но истовремено нагласува дека предноста мора да биде потврдена на теренот.
„Ќе победиме со Австрија ако одиграме подобро од нив, ако играме добра кошарка. Мислам дека треба да одиграме паметно и да играме заедно, затоа што имаме квалитет. Убеден сум дека можеме да бидеме подобри, но тоа треба да го покажеме на теренот. Во оваа кратка седмица, вклучително и неделата, заедно со помошта која треба да ја добиеме од Нено, Мекиќ, Рајт, но како и секогаш – сè зависи од нас. Респектот кон противникот мора да постои, но фокусот треба да биде на нас и на нашата игра.“
Говорејќи за Австрија, шпанскиот стратег потенцира дека промените во ростерите се составен дел од репрезентативната кошарка и дека Македонија мора да биде концентрирана на сопствената игра.
„Во овој момент сите играат кошарка. Добра кошарка. Некогаш недостасува некој играч. Се сеќавам дека со Луксембург имавме таков случај токму ние. Некогаш ќе загубите некој играч, но во исто време ќе се појави некој друг кој ќе даде свој придонес во успехот. Не играат имињата, на теренот се игра пет на пет. Без жалење за оние кои не се во моментот дел од тимот. Фокусот треба да биде на нас и на нашата игра. Ќе дадеме сè од себе. Можеби некои работи не можеме да ги контролираме, но можеме да се контролираме себеси. Без оглед дали станува збор за Литванија или за Австрија, мора да се натпреваруваме како тим, како национален тим. Тие се добар тим и, како што реков, ги респектираме. Но, треба да играме со голема самодоверба за да ги зголемиме нашите шанси за конечен успех.“
Македонија продолжува со тренинзите во Скопје, во „Т Арена“, во пресрет на гостувањето во Виена. Берокал има јасна порака – нема простор за дополнителни калкулации, туку само за максимален фокус.
„Одиме ден по ден, натпревар по натпревар. Таков е и нашиот менталитет“ – вели Берокал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
