Берокал: Најважно е да ги имаме сите играчи на располагање и добро да се подготвиме

Кошаркарите  ги дознаа противниците во втората рунта од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029. Ждрепката во Минхен ги одреди Австрија и Кипар како ривали на Македонија во групата „Ф“.

По извлекувањето на групите, селекторот Жозе Марија Берокал оцени дека Македонија ја очекуваат двајца сериозни ривали, а акцентот го стави на добрата подготовка и желбата репрезентацијата да биде комплетна за претстојните натпревари.

„Ја започнуваме втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот во месец август. Австрија и Кипар се добри репрезентации, доаѓаат од квалификациите за Светското првенство и ќе видиме што ќе ни донесат овие натпревари. Имаме шест недели до почетокот на подготовките, кои ќе бидат многу важни за нас, затоа што нè очекуваат тешки натпревари, а стартуваме со гостување во Австрија.“, рече селекторот.

Шпанскиот стратег нагласува дека најголем приоритет е на располагање да ги има сите репрезентативци, за Македонија да настапи во најсилен состав.

„Најважно ми е да ги имаме сите играчи на располагање, добро да се подготвиме и се надевам дека сите ќе можат да се јават на повикот. Желбата ми е да играме во најсилниот ростер. Се надевам дека во август ќе го имаме најдобриот можен тим за дуелот со Австрија и успешно ќе ја започнеме оваа квалификациска рунда“, коментира селекторот Берокал откако ги дозна имињата на противниците за втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029.

Се вчитува...