Македонската кошаркарска репрезентација на одличен начин го започна новиот циклус. „Црвено-жолтите“ славеа на гостувањето во Виена и со победа ги отворија вторите претквалификации за Евробаскетот 2029.
Селекторот Хозе Марија Берокал по натпреварот истакна дека е особено задоволен од начинот на кој неговите избраници одговориле на предизвикот, имајќи предвид дека подготовките биле кратки, а дел од кошаркарите не биле во натпреварувачки ритам.
„Среќен сум. Секогаш е добро да се започне со победа. Оваа победа беше поинаква бидејќи беше лето, некои играчи не беа во форма, а имавме и многу кратки подготовки. Сепак, покажавме дека можеме да играме и остваривме добар резултат. Најважно е што момците покажаа карактер, а ова е само првиот чекор“, изјави Берокал.
Шпанскиот стратег посебно го истакна начинот на кој функционирала одбраната. Македонија успеа да го ограничи противникот на само 59 постигнати поени, што според Берокал е уште еден показател за напредокот на тимот.
„Гледаме разлика во тимот. Противникот постигна 59 поени, а станува збор за добар тим кој знае да шутира и да постигнува поени. Ги добивме сите четвртини и тоа е важно“, додаде селекторот.
Берокал е задоволен и од тимската игра, особено кога топката се движи брзо и сите кошаркари се вклучени во нападот.
„Кога ја делиме топката можеме да играме многу добро. Некогаш ќе промашите или нема да погодите некој удар, но за мене тоа не е најважно. Важно е како играме. Денеска во некои моменти игравме навистина добро и сум среќен“, порача Берокал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
