Бесарт Ибраими: Целта на Шкендија е титула, ќе одиме на победа на секој натпревар

Шкендија подготвена ќе го дочека вториот дел од оваа натпреварувачка сезона, а Бесарт Ибраими е оптимист дека тетовските „црвено-црни“ ќе успеат да стигнат до посакуваната цел – да се закитат со шампионската титула.

Тетовци моментно се на делба на првото место заедно со Гостивар и со Работнички, а искусниот голгетер верува дека неговиот тим е подготвен за битките што допрва следат.

„Атмосферата во тимот е многу добра, верувам дека сме максмиално подготвени. Не сме загрижени поради резултатите во Анталија, бидејќи целта беше да се подготвиме за она што ќе не очекува во македонското првенство. Она што е најважно е што добро работевме и немавме проблеми со повреди, сите сакаме да дадеме се од себе за да стигнеме до резултатите што ги посакуваме“, изјави Ибраими.

Во првото коло од 2025 година тетовци ги очекува пресметка со Вардар, меч на кој Шкендија ќе ја има фаворитската улога.

„Пред нас се уште 15 натпревари, првиот од нив го играме в недела со Вардар. Тоа е меч што може дополнително да ни ја крене самодовербата, сакаме да победиме, но не се фокусираме само на него. Без разлика дали ќе победиме или не, иако не верувам во друг исход освен наш триумф, цел на Шкендија е да освои што повеќе бодови, да забележи што повеќе победи и на крајот да се радува на шампионска титула“, истакнува Бесарт Ибраими.

Се вчитува...