Без Адеми и Јаховиќ на јунските натпревари во Лигата на нации

Селекторот на македонската репрезентација Боби Милевски ќе биде без услугите на искусните Аријан Адеми и Адис Јаховиќ за јунските четири натпревари на стартот од новото издание во Лигата на нации, како дополнение плус и на отсуството на Тихомир Костадинов кого, како што е од претходно познато, го чека подолга пауза по операцијата на лигаментите на коленото.

Како што дознава ЕКИПА, поради исклучително напорната сезона и континуираните повреди низ пролетниот дел од шампионатот, Аријан Адеми ќе биде ослободен од обврските во националниот тим во јуни како можност и за подолг одмор и подобра подготовка за новата натпреварувачка сезона.

Адис Јаховиќ, пак, поради повреда на тетивата ќе биде повторно отсутен од националниот тим. Јаховиќ не беше и на мартовскиот собир за бараж-пресметките против Италија и Португалија за пласман на СП 2022. Костадинов, пак, го чека шестмесечна пауза откако при крајот на април беше подложен на операција на лигаментите на коленото.

Најавените отсуства, без сомнение, наложуваат и извесно подмладување на македонската репрезентација како чекор на подготовка на тимот за новите предизвици кои потоа ја очекуваат Македонија и низ квалификациите за ЕВРО 2024.

Македонската селекција ја очекува повеќе од напорен јунски натпреварувачки собир во исклучително незгоден период, веднаш по завршувањето на сезоната во националните шампионати. Дури четири натпревари ја очекуваат Македонија на стартот од третото издание во Лигата на нации. Овој пат во Ц-лигата, Македонија во Групата 4 најпрво ќе почне со гостувањето против Бугарија во Разград на 2. јуни, потоа на 5. јуни следи гостувањето на Гибралтар, па два домашни натпревари, најпрво на 9. јуни против Грузија а потоа на 12. јуни и против Гибралтар во Скопје.

Се вчитува...