Без медал од Светското карате првенство во Шпанија: Емил Павлов поразен во првото коло

Македонските каратисти без освоен медал се враќаат од Светското првенство за сениори кое се одржува во Мадрид, Шпанија.

Најголемата наша надеж за успех, европскиот шампион Емил Павлов загуби уште во првото коло од Белгиецот Дасул со 0-1, со што веднаш ги загуби шансите за посериозен резултат.

Претходно, најдобри остварувања на шампионатот запишаа Берат Јакупи и Азиз Исмаил кои стигнаа до четвртфиналето.

Во женска конкуренција, Сара Радичевска загуби во првото коло, а Јована Георгиев и Наташа Стефановски во втората рунда натпревари од соодветните категории.

Утре на програмата се екипните настапи на Светското првенство на кое учествуваат 1251 натпреварувач од 140 земји во светот.

Македонија досега медал од Светските првенства има само од Жарко Арсовски кој освои бронза во 2010 година во Белград.

Светското првенство е најголема шанса за доближување до Олимписките игри во Токио 2020 година, односно за најголем скок на ВКФ ранг листата, за која бодувањето почна од Азиските игри и продолжи низ двете кола од Премиер лигата.

Се вчитува...