Битка на скопските ривали во Битола, влогот е куп-финале

МЗТ Скопје и Работнички денеска во 17 часот ќе излезат на мегдан во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, во првото полуфинале од завршниот турнир во Купот на Македонија во кошарка. „Металците“ ја имаат улогата на бранители на трофејот, но предизвикот денеска ќе биде голем, особено ако се знае дека Работнички се наоѓа во извонредна форма и повеќе од два месеци не знае за пораз.

Покрај тоа, „центарци“ го добија и последното дерби со МЗТ што го одиграа пред околу еден месец, прекинувајќи ја долгата серија порази од вечниот ривал.

„Тој меч го одигравме маестрално и заслужено победивме. Верувам дека можеме да ја повториме играта од тој натпревар и да стигнеме до победата. Јасно е дека ваквите натпревари ги решава мотивацијата и инспирацијата, очекувам да бидеме на висина на задачата и од тој аспект и да се радуваме на победата“, изјави Стојан Ѓуроски, македонскиот репрезентативец од таборот на Работнички.

„Металците“ го надминаа кризниот период од почетокот на годинава, забележаа три победи во АБА2, по што следеше и триумф над Еуро Никел во Кавадарци, по што актуелниот шампион полн со самодоверба допатува во Битола.

„Ние мораме да дадеме се од себе за да стигнеме до победата. Се надевам дека ќе бидеме на посакуваното ниво и со борбена игра ќе стигнеме до победата“, прокоментира најдобриот кошаркар на МЗТ, Војдан Стојановски.

Двајцта кошаркари не го кријат разочарувањето што на денешниот меч ќе ја немаат поддршката од своите навивачки групи на трибините.

„Срамота, голема срамота. Кошарката се игра за навивачи, а дуел на МЗТ и Работнички без ниту една навивачка група е нешто што досега се нема случено. Со што ли само заслуживме вакво нешто“, вели Ѓуроски.

„Вечното дерби секогаш го краселе навивачите, спортот се игра за публика. Очекувавме доста навивачи. Сите сме изненадени од оваа одлука, никој не очекуваше дека и на двете екипи ќе им биде забрането да ги имаат своите фанови на трибините“,  истакна Стојановски.

Се вчитува...