Битка за Суперлига: Пет тима се борат за две места во следната фаза од разигрувањето за титула

Македонската прволигашка кошарка и оваа сезона е крајно изедначена, а како што се приближуваме до крајот на регуларниот дел, очекувано, дел од работите остануваат нејасни. Засега е познато дека Пелистер, МЗТ Скопје и Гостивар имаат загарантирано место во Суперлигата и дека Кожув, Куманово, МЗТ Скопје 2 и Ангели ќе се борат во плеј-аутот, но на пет кола пред крајот, пет тима остануваат во игра за две места кои водат во победничката фаза.

Тоа се Академија ФМП, Феникс 2010, ТФТ Скопје и Еуро Никел кои се наоѓаат на две победи едни од други, а од сенка теореткска, но минимална шанса има и Работнички. На нашиот најтрофеен тим му следи пеколен распред, но доколку со новите засилувања успее да приреди сензационални победи, а во полза му бидат резултатите од останатите натпревари може да се најде во Суперлигата.

Во моментот четвртата позиција на табелата ја завземаат „академиците“ со скор од 11-6, а до крајот избраниците на Божиноски ги очекуваат средби со Работнички, Ангели, Гостивар, ТФТ и МЗТ Скопје.

На делба на 5. позиција на табелата се Феникс 2010 и ТФТ со тоа што новалијата има блага предност во однос на „црно-белите“ со триумфот во првиот меѓусебен натпревар, но овие екипи силите ќе си ги одмерат во 19. коло.

Избраниците на Дервишевиќ ќе имаат шанса да стигнат и до „пол-позиција“ доколку слават в недела против Еуро Никел, а покрај вицешампионот и ТФТ до крајот имаат средби со Куманово, МЗТ Скопје и МЗТ Скопје 2.

ТФТ до крајот на регуларниот дел го очекува најтешкиот распоред бидејќи силите ќе си ги одмери со сите екипи од горниот дел на табелата. Прв од нив ќе биде Гостивар, а по Феникс 2010 и МЗТ Скопје, Академија ФМП и Пелистер.

Вицешампионот пак до крајот нема право на грешка, но во своја полза го има распоредот. Кавадарчани со скор од 9-8 ја завземаат седмата позиција на табелата, но до крајот освен следниот меч со Феникс 2010 имаа натпревари со екипите од долниот дел на табелата, Куманово, МЗТ Скопје 2, Работнички и Ангели.

Претходната сезона Академија ФМП своето место во разигрувањето го загарантира во последниот натпревар од регуларниот дел на сезоната, а дали некој тим во последното коло ќе успее да го најде свеото место меѓу најдобрите шест екипи во мак-баскетот останува да видиме.

Се вчитува...