Академија ФМП го доби натпреварот на денот откако во 20. коло славеше над Гостивар со 82-70 во директен дуел за третата позиција на табелата. Тимот од Кисела Вода одигра одличен натпревар на двата дела од теренот, рано го неутрализираше Ијасу Ворку кој влезе и во проблем со лични грешки и сосема заслужено стигна до 14. победа во првенството.
Добрата одбрана на почетокот на натпреварот донесе предност за Акадмија ФМП која домашниот состав знаеше да ја задржи и до крајот на првата четвртина. Избраниците на Божиновски го затворија рекетот, ги примораа гостите на тешки обиди, притоа добро трчаа и во транзиција па промашени шута на гостиварчани ги претворија во лесни поени за предност од 24-17 по 10. минути игра. Добриот моментум на „академиците“ проследен во висока реализација од поле продолжи и до крајот на првото полувреме, а во полза на составот од Килсеа Вода беше и лошата реализација за три поени на гостите па од минута во минута се зголемуваше преднсота за +14 (43-29) на полувремето.
Гостивар добро го започна второто полувреме па преку Силаџи успеа да стигне до негатива од десет поени, но Академија ФМП одолеа на налетот. Домаќините продолжија со добрата игра во нападот проследна со висока реализација, најдоа и решение во рекетот на противникот па не само што не дозволија враќање, туку ја зголемија предноста на 63-43 пред последните десет минути. Во нив гостиварци конечно фатија ритам, постигнаа 27 поени, но успеаја само да го ублажат поразот.
Целата прва петорка на Академија ФМП постигна двоцифрен број на поени, а најрасположен беше Крстајиќ кој мечот го заврши со 20 поени и 7 скока. Стојановски додаде 18 поени, додека со 13 поени мечот го заврши Ајви. Никола Силаџи беше единствениот расположен во редовите на гостите со 30 поени и 9 скока, додека 10 поени постигна Ворку кој додаде и 7 асистенции и 6 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА