БК Куманово единствен претставник на „Опен Балкан Куп“ во бокс

Боксерскиот клуб Куманово ќе биде единствен претставник на Македонија на регионалното натпреварување „Опен Балкан Куп“, кое го организира Боксерскиот Сојуз на Србија во соработка со ТВ Арена Спорт.

На големата свеченост која се одржа во Белград, поканети беa претставниците на БК Куманово – 84 тим кој ќе биде единствениот претставник од нашата држава во рамките на новоформираното натпреварување во бокс. Во него учество ќе земат тимови од Албанија и од Србија и предвидено е да се одржува еднаш месечно. Сезоната ќе стартува викендов во Смедерево, а договорено е Куманово да биде град-домаќин на „Опен Балкан Куп“ на 9 и 10 октомври.

„Голема благодарност до нашите големи пријатели од Р. Србија кои не поканија да учествуваме и бидеме домаќини во октомври . Ние како клуб како и досега ќе се потрудиме да бидеме одлични домаќини и се ќе направиме да имаме конкурентен тим кој достојно ќе ја претстави нашата држава во оваа ново натпреварување ” порача првиот човек на Боксерскиот Клуб Куманово, Кристијан Андреевски.

БК Куманово исто така е во завршна фаза од преговорите за влез во регионалната лига во бокс, за што потврда се очекува во наредните неколку седмици.

Се вчитува...