Благоја Милевски – македонската репрезентацијата во закрилата на творецот на оваа генерација!

Благоја Милевски од денеска и официјално ја презема селекторската функција на најдобрата македонска репрезентација.

По нешто повеќе од пет години водство на Игор Ангеловски, националниот тим од денеска оди во закрила на творецот на оваа генерација фудбалери во која поголемиот дел се оние кои под водство на Милевски во 2017 години го донесоа првото учество на една македонска фудбалска репрезентација на европски шампионат.

„Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи. Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила. Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим“ – порача претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини по одлуката на Управниот одбор за именување на Милевски на кормилото на А-селекцијата.

Милевски своето деби на клупата на македонската репрезентација ќе го има во квалификациите за Светското првенство 2022 в Катар, на 2. септември против Ерменија во Скопје. Во септемврискиот квалификациски циклус три дена подоцна гостуваме во Рејкјавик на Исланд, додека на 8. септември ја пречекуваме Романија во Скопје.

Се вчитува...