Блескав старт на ракометарките – триумф над Исланд за отворен пат кон баражот

Македонија одлично го стартуваше настапот на претквалификацискиот турнир за СП 2021 откако нашите ракометарки славеа на вечерашниот дуел против Исланд со резултат 24-17. „Црвено-жолтите“ предводени од извонредната Сара Ристовска го скршија отпорот на главниот ривал во групата, со овој триумф широко отворајќи си ја вратата кон баражот за СП, каде се пласираат двете најдобри селекции од секоја група.

Елена Ѓоргиевска го отвори натпреварот со два гола за Македонија во почетните пет минути, но нападот не функционираше на посакуваното ниво на стартот од овој натпревар. Одбраната функционираше сосема солидно во првите девет минути (2-2), но следеше серија од три гола на гостинските ракометарки, кои поведоа со убедливи 2-5, користејќи ја немоќта и серијата грешки во нашиот напад. Селекторот Симовски не побара тајмаут ниту при 2-6, па дури откако нашите ракометарки се најдоа во негатива од „минус пет“ (2-7) македонскиот селектор задоцни со земањето одмор за совети кон репрезентативките.

Серијата од единаесет минути без постигнат гол продолжи и во двата напади по тајмаутот, за „постот од 13 минути без гол“ конечно да го прекине Сара Ристовска со погодок од контранапад. Тој гол ја врати самодовербата, па Ристовска постигна уште два гола во низа и Македонија во 20. минута намали на 5-7. Добрите одбрани на голманката Серафимова донесоа дополнителна цврстина во одбраната, за „црвено-жолтите“ со новите голови на Ристовска и на Серафимова да стигнат до израмнување од 7-7. Македонската фурија продолжи до крајот на полувремето, во кое Сара Ристовска стигна до шест погодоци, противникот постигна само уште еден гол до крајот, па преку Елена Ѓоргиевска нашите ракометарки заминаа на одмор со 11-8.

Сара Ристовска со нов гол донесе водство од 12-8 на стартот од вториот дел, но потоа следеше нова криза во нашата игра во нападот, по што Исланд во 37. минута израмни на 12-12. На половина од второто полувреме резултатот гласеше 14-15, но Ристовска со три нови гола донесе предност и водство на Македонија од 19-16, принудувајќи го исландскиот селектор на тајмаут. Серафимова повторно блесна на нашиот гол со нови две интервенции, овозможувајќи Ристовска со својот 11. погодок да донесе одлична предност од 21-16. По оваа позитивна, нашите ракометарки рутински го приведоа мечот до крајот и конечните 24-17.

Сара Ристовска со единаесет погодоци беше најзаслужна за оваа одлична победа, шест гола постигна Елена Ѓоргиевска, додека Серафимова имаше девет успешни интервенции на нашиот гол.

Нашите ракометарки утре ги очекува дуел со Литванија, на кој победа ќе значи и дефинитивен пласман во баражот за СП 2021.

Се вчитува...