Бобан Илиоски: Ова е сон за мене, благодарам на „Комити“ за огромната поддршка!

Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски синоќа се закити со титулата светски професионален шампион во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1 (до 88,6 килограми), откако во спектаклот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со одлука на судиите славеше со 2-1 против актуелниот светски аматерски шампион Берк Дузенли од Турција.

Македонија првпат беше домаќин на еден ваков кикбокс-настан, во организација на Кикбокс маитаи-федерацијата на Македонија. Низ прекрасен амбиент на крај Македонија се радуваше на светскиот шампион кој ја заслужи победата со далеку подобрата трета рунда.

Илоски, кој е актуелен светски и европски ВАКО-аматерски шампион и добитник на највисокото спортско признание во Македонија – спортист на годината за 2023 година, не може да ја сокрие возбудата од големиот успех притоа истакнувајќи дека ова за него е долгогодишен сон.

 

„Ова е навистина неверојатен успех, долгогодишен мој сон кој дојде по многу напорна работа. Сакам да се заблагодарам на сите кои дојдоа да ме поддржат на тој пат и секако на ‘Комитите’ кои создадоа феноменална атмосфера“ – вели Илиоски.

Се вчитува...