Бобан: Не зборувам повеќе со Чеферин, сите живееме со своите постапки и последици

Претседателот на Динамо Загреб, Звонимир Бобан, изјави дека повеќе не е во контакт со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, со кого претходно соработувал во европската фудбалска организација.

Во интервју за италијанскиот весник „Газета дело Спорт“, Бобан зборуваше за Динамо, неговата кариера, неговиот однос со Италија и актуелните фудбалски теми.

Зборувајќи за тоа како ја балансира позицијата претседател на Динамо со ангажманот на телевизиски коментатор на „Скај“, Бобан рече дека неговата работа во медиумите му овозможува да се дистанцира од позицијата претседател.

„Улогата на коментатор ми овозможува да се оддалечам од позицијата претседател на Динамо. Така ја одржувам жива мојата љубов кон Италија и новинарството“, рече Бобан.

Бобан истакна дека е горд на работата што ја работи како прв демократски избран претседател на Динамо, но дека во срцето е сепак фудбалер.

Тој призна дека му е особено тешко да ги следи натпреварите од трибините.

„Седењето на трибините додека се игра натпреварот е премногу вознемирувачко за мене. Натпреварите се вистинска болка за мене и обично не ги гледам. Сепак, минатата сезона, во која ги освоивме првенството и Купот, беше најдобриот момент во мојот фудбалски живот“, рече Бобан.

Кога италијанските новинари го прашаа дали го претпочита тој успех пред освојувањето на Лигата на шампионите со Милан, Бобан одговори потврдно.

„Да! Динамо отсекогаш ми беше во срцето. Татко ми беше претставник на клубот, одев на натпреварите со мојот брат, а на 18 години станав капитен. Динамо е на прво место, веднаш по семејството“, рече претседателот на загрепскиот клуб.

Пред да се приклучи на Динамо, Бобан работеше во УЕФА, но ја напушти таа позиција поради несогласувања со Чеферин, нагласувајќи дека „сите живееме со нашите постапки и последици“.

„Не, повеќе не зборуваме. Сите живееме со нашите постапки и последици“.

Бобан се потсети и на еден момент од полуфиналето на Светското првенство во 1998 година против Франција, што го смета за најголемата грешка во својот живот.

„Ја изгубив топката во полуфиналето на Светското првенство во 1998 година против Франција. Бев капитен и тогаш ја изгубив топката пред сопствениот шеснаесетник, што скапо не чинеше. Никогаш нема да си простам за тоа“, рече Бобан.

Хрватска поведе во тој натпревар, но Франција дојде до пресврт и се пласираше во финалето, кое потоа го доби победувајќи го Бразил.

Една од темите на разговор беше Лука Модриќ, кој ја продолжи кариерата во Милано, а Бобан го опиша како „гениј“.

„Лука Модриќ е гениј, а генијот не старее. Тој ги предвидува ситуациите со својата логика. Секако, ова се животни одлуки“, рече Бобан.

Претседателот на Динамо потоа зборуваше за тактичките барања што би можеле да бидат пред Модриќ.

„Мислам дека ќе му биде тешко да се адаптира на системот на Аморим. Со Алегри беше заштитен од двајца играчи од средниот ред и играше потивко, а сега ќе мора да помине 60 метри од теренот со друг соиграч. Ќе му биде тешко“, заклучи Бобан.

Се вчитува...