Поранешниот македонски селектор Благоја Милевски е кандидат за нов селектор на репрезентацијата на Албанија, пренесуваат дел од албанските медиуми.
Милевски е пред нов исклучително сериозен предизвик – преземање на албанската селекција која бележи одлични резултати изминативе години на меѓународната сцена како учесник на претходното европско првенство и во баражот за СП 2026, но во моментов е во сериозна резултатска криза поради која од Албанската фудбалска федерација размислуваат за смена на актуелниот селектор, Италијанецот Роландо Маран.
Репрезентацијата на Албанија има пет едноподруго порази, вклучувајќи ги и последните два јунски на пријателските натпревари од Луксембург и од Израел. Како што пренесуваат албанските медиуми, од Албанската федерација не може да го простат токму последниот пораз од Луксембург кој е момент за размислување за промена на селекторската функција.
А, Боби Милевски се издвојува како еден од најсериозните кандидати поради резултатските успеси со македонската репрезентација, рекордните настапи во Лигата на нациите и пласманот во Б-дивизијата, обезбедениот бараж за пласман на СП 2026 но и рекордните 14 едноподруго натпревари без пораз на клупата на Македонија, успеси со кои, како што пренесуваат Албанците, и тоа како добро се запознаени во Албанската фудбалска федерација.
Милевски, пренесуваат медиумите од западниот сосед, е поранешен соиграч од редовите на словенечки Марибор и со поранешниот албански репрезентативец Гери Ципи кој, пак, сега е член на Извршниот комитет на Албанската фудбалска федерација и добро запознаен со успешната тренерска биографија на македонскиот стратег кој прв однесе македонска репрезентација на Европско првенство – младата селекција за фудбалери до 21 година на ЕП 2017 во Полска.
Интерес за услугите на Милевски изминатиов период покажа и еден од најдобрите македонски клубови Шкендија, но, според информациите, фокусот на поранешниот македонски селектор, во моментов, е пред се насочен најпрво кон интернационалната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
