Болен финиш за Шкендија, Хибернијан славеше со гол во 90. минута (ВИДЕО)

Шкендија со еден гол негатива се враќа од гостувањето во шкотски Единбург во првиот меч од 3. квалификациско коло во Лигата на Конференции. 2-1 на крајот славеше Хибернијан, и тоа со гол во последната минута од средбата. Тетовскиот тим имаше свои добри моменти во мечот, стигна и до израмнување, и кога  се чинеше дека ќе избегне пораз, по едден изведен корнер топката среќно дојде до О’Хара кој донесе победа.

Хибернијан беше подобар противник во првиот дел, односно Шкендија немаше ниту една посериозн прилика. Две полушанси за шкотскиот тим, а најсериозната ја имаше Кер кој со глава се обиде крај голот на Рамани. Имаше обид и Чаива кој заврши крај голот.

Тетовскиот тим имаше два корнери во финишот, од кои не дојде до посериозни шанси, па на паузата се отиде без голови.

Шкендија заигра многу подобро на стартот од вториот дел. Тргна похрабро кон голот на Шкотите, Тамба имаше неколку добри продори, меѓутоа без ефект.

Во миговите кога беше „затишје“, Хибернијан стигна до предност. Акција по левата страна, асистенција на Рајт до Елдинг кој ја смести топката во мрежата на Рамани во 73. минута.

Три минути подоцна, нововлезениот Марко Ѓорѓиевски успеа да погоди во мрежата на домаќинот. Играчот на Шкендија од десната страна проби, и шутираше прецизно во голот на Салингер.

Хибернијан до нова предност во 90. минута. Нафрлена топка од корнер, најпрво Кер со глава погоди во стативата, и топката несреќно се одби до О’Хора кој ја спроведе во мрежата од 1-2 метри.

До крајот промена на резултатот немаше, и Хибернијан носи предност во Скопје, но Шкендија и натаму има шанси за пласман во плеј-офот.

Се вчитува...