„Бомба“ од регионот: Славен Билиќ, нов селектор на Хрватска

Хрватска е подготвена за нов селектор откако последните девет години ги мина под водство на Златко Далиќ, а изборот за нов кормилар на националниот тим паднал врз Славен Билиќ.

Информацијата прв ја објави влијателниот весник „Спортске новости“, повикувајќи се на извори од федерацијата кои не сакаат да говорат јавно, но тврдат дека речиси сите детали се договорени. Во хрватската „куќа на фудбалот“ постоело расположение да се продолжи со Златко Далиќ како селектор, но упорното одолговлекување на овој стратег придонело уште пред мундијалот да почне да се преговара со потенцијалните кандидати.

Кандидати имало двајца – Славен Билиќ и Ивица Олиќ, а на крајот е решено токму поранешниот дефанзивец да добие шанса да се врати на кормилото на националниот тим.

За потсетување, Билиќ ја водеше Хрватска по СП 2006 и остана на функцијата до 2012 година. Тој разговарал со претседателот Кустиќ пред мундијалот, но и по несреќниот пораз од Португалија, а во ситуација кога Далиќ е без договор останува само да се почека официјализациајта на оваа информација, со која хрватскиот национален тим ќе сврти нов лист.

Во меѓувреме, „Спортске новости“ ја објави и следната дестинација на Далиќ – тоа се Обединетите Арапски Емирати каде довчерашниот хрватски селектор ќе замине за годишна плата од пет милиони евра.

Се вчитува...